
Министерството за транспорт и врски распиша објава за отуѓување на градежно неизградено земјиште сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање со намена за изградба на стопански објекти - винарии.
Станува збор за 12 локации кои се наоѓаат во општина Карбинци. Градежните парцели кои се предмет на јавно наддавање се со површина од 732 до 2.685 метри квадратни.
Почетната цена на јавното наддавање изнесува 61 денар од метар квадратен, а пријавите за учество на јавното наддавање може да се достават најдоцна до 31.10.2011 година.
Право на учество во јавните наддавања имаат физички лица (државјани на Република Македонија, државјани на држави членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и државјани на држави кои не се членки на Европската унија и на ОЕЦД а под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија) и правни лица (домашно правно лице, правно лице во мешовита сопственост, правно лице основано од странско физичко и правно лице, регистрирани во Централен регистер на Република Македонија, странски правни лица резиденти на држави членки на европската унија и на ОЕЦД, како и странски правни лица резиденти на држави кои не се членки на европската унија и на ОЕЦД а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија). |