Република Македонија преку надворешна политика - на билатерален и на мултилатерален план - ги промовира своите национални вредности и интереси. Европската и Трансатланската интеграција е витален интерес за долгорочната стабилност, безбедност и благосостојба на Република Македонија.
• Република Македонија е посветена на исполнување на пет надворешно- политички приоритети: членство во НАТО, добивање датум и започнување преговори за полноправно членство во Европската унија, укинување на визите за македонските граѓани, надминување на прашањето за разликата за името наметнато од нашиот јужен сосед и засилување на економската и јавната дипломатија.
• Република Македонија ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата и ги спроведе потребните реформи. Во Декларацијата од Самитот на НАТО во Букурешт, јасно беше призната нашата посветеност кон вредностите и оперативните активности на НАТО и напредокот во реформскиот процес. Поради противењето на Република Грција, поканата за членство во НАТО, Алијансата ќе ја испрати по изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за прашањето околу разликата за името на Република Македонија, за што се водат разговори под покровителство на Организацијата на обединетите нации. Членството на Република Македонија во НАТО ќе значи долгорочна стабилност и безбедност не само за Балканот, туку и за Евро-атлантскиот регион во целина и почеток на финализацијата на концептот за Европа, целовита, слободна и во мир.
∙ Во односите со Европската Унија, главната заложба на Република Македонија е што поскоро да ги отпочне преговорите за пристапување и за таа цел Владата и државните институции посветено работат на исполнување на приоритетите од Пристапното Партнерство од 2008 година. Очекуваме во текот на 2009 година нашите напори и постигнувања да бидат валоризирани со препорака од Европската комисија за отпочнување на пристапните преговори, проследена со соодветна одлука од Европскиот Совет.
∙ Република Македонија очекува скорешно успешно завршување на дијалогот за либерализација на визниот режим со Европската Унија. Со оглед на констатираниот значителен напредок во исполнувањето на условите од Патоказот за визна либерализација, очекуваме во почетокот на 2009 година Европската комисија да ја иницира правната процедура во Советот на ЕУ за укинување на визниот режим кон Македонија и стапување во сила на безвизниот режим во текот на 2009 година.
• Република Македонија конструктивно и активно учествува во преговарачкиот процес под покровителство на специјалниот претставник на Генералниот Секретар на ООН, амбасадорот Метју Нимиц со цел надминување на ирационалното прашање наметнато од страна на Република Грција во врска со разликата за името на нашата држава. Република Македонија континуирано се залага за изнаоѓање заемно прифатливо решение кое нема да задира во македонскиот национален иднентитет, јазик и култура.
• Република Македонија се залага за континуирано јакнење на стратешкото партнерство со САД и развивање на сестрани партнерски односи со земјите членки на ЕУ и НАТО, при што посветува особено внимание и на односите и соработката со останатите значајни актери на меѓународната сцена, пред се со Руската Федерација и со Народна Република Кина.
• Во односите и соработката со државите од непосредното соседство се промовира добрососедство и пријателство и готовност за сестрана соработка во повеќе области од заемен интерес. Добрососедските односи како еден од приоритетите во надворешната политика претставуваат изворна определба, средство за јакнење на меѓусебната доверба и едновремено, комплементарен фактор на пристапниот пат на Република Македонија кон ЕУ и НАТО.
• Градењето сестрани односи на соработка со сите држави од непосредното и поширокото соседство - како на билатерален план, така и во рамките на регионалните иницијативи и проекти, по пат на партиципирање во постојаните иницијативи за регионална соработка во целиот регион на Југоисточна Европа, претставува активен придонес на Република Македонија во градењето на односи на безбедност, стабилност и соработка во Југоисточна Европа.
• Република Македонија континуирано е ангажирана на унапредување и натамошно збогатување на односите со демократски определени држави со кои има во голема мерка традиционално добри и развиени односи.
• Република Македонија активно учествува во работата на сите значајни меѓународни организации, како на глобално ниво - ОН и специјализираните агенции, СТО, така и во регионалните - ОБСЕ, Советот на Европа и др., како најефикасен начин за заштита на светскиот мир и безбедност од глобалните закани на денешнината: тероризмот, пролиферацијата на оружје за масовно уништување, организираниот криминал, зачувувањето на здрава животна средина, справувањето со економските и социјални проблеми, (не-) почитување на човековите права и друго.
• Промовирањето на економските потенцијали и можностите за инвестирање во Република Македонија, како и развивањето на активна економска надворешна политика е во функција на интензивирање и квалитативно збогатување на билатералните економски односи со државите од регионот, Европа и целата мегународна заедница
• Поаѓајќи од значењето на националниот идентитет и вредностите на македонскиот народ за суверенитетот, самостојноста и безбедноста на државата, Република Македонија придава особена важност на промоцијата на националниот, културниот и духовниот идентитет надвор од границите на Република Македонија.
• Грижа за положбата на македонските заедници кои живеат надвор од државните граници и за подобрување на правниот статус и третманот на Македонското национално малцинство во другите држави, согласно меѓународните договори како и склучените билатерални спогодби и договори, претставува еден од значајните цели во надворешната политика.
• Република Македонија учествува во мировни мисии (ОН, НАТО, ЕУ) во поддршка на мирот, безбедноста и стабилноста. Во моментов Македонија придонесува со околу 240 лица во меѓународни операции или околу 3,5 % од сопствените воени сили. Република Македонија учествува со свои трупи во Авганистан (ISAF), Ирак (Iraqi Freedom), Босна и Херцеговина (ALTHEA) и Либан (UNIFIL), а обезбедува и логистичката поддршка на КФОР во Косово. Во однос на учеството во меѓународни мисии предводени од НАТО, Република Македонија ги доби највисоките оценки од НАТО, кој ја препознава нашата земја како стабилен воен партнер на Алијансата.
СТАВОВИ И ПОЗИЦИИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПО ОДРЕДЕНИ НАДВОРЕШНО ПОЛИТИЧКИ ПРАШАЊА
Ставот на Република Македонија за проширувањето на ЕУ
Република Македонија, како земја - кандидат за членство и земја која е дел од процесот на проширување на Европската Унија, го поддржува проектот за европско обединување, како единствен модел за заедничко креирање на иднината, кој на европскиот континент му го овозможи најдолгиот период на мир, стабилност и економски просперитет.
Република Македонија го поздравува обновениот консензус во ЕУ за продолжување на процесот на проширувањето на Унијата со државите кои се веќе дел од тој процес, потврден на состанокот на Европскиот совет во јуни 2008 година под словенечкото претседателство. Особено е значајно тоа што постигнатиот консензус, базиран на принципите за консолидација, условеност, комуникација и капацитетот на ЕУ да интегрира нови членки, не предвидува воведување дополнителни критериуми за членство.
Република Македонија со внимание го следи текот на ратификацијата на Реформскиот договор на ЕУ од Лисабон и очекува исходот од референдумот во Ирска да не доведе до забавување на процесот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија.
Меѓународен тероризам
По трагичните настани од 11 септември 2001 станавме свесни за тоа каква сериозна закана претставува меѓународниот тероризам за мирот и демократијата во светот. Демократијата е заснована на верувањето дека сите луѓе се родени еднакви и имаат природно право да живеат во слобода. Мора да имаме волја да ги одбраниме овие принципи и токму затоа Република Македонија ќе продолжи да ја дава својата целосна поддршка и ќе учествува активно во напорите на меѓународната заедница за борба против глобалниот тероризам.
Република Македонија активно учествува во глобалните активности на планот на борбата против тероризмот во рамките на Организацијата на Обединетите нации, ЕУ, НАТО, ОБСЕ, Советот на Европа и други релевантни организации. Република Македонија е договорна страна на сите поважни конвенции, протоколи и други меѓународни правни инструменти за борба против меѓународниот тероризам . Во 2006 г. беше ратификувана Конвенцијата за спречување на актите на нуклеарен тероризам. Ратификувана е и Конвенцијата за нуклеарна безбедност, а беше донесен и посебен Закон за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, во функција на имплементација на истоимената конвенција на ОН.
Согласно резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1373 (2001), Република Македонија продолжува активно да соработува со Контра-терористичкиот комитет на СБ на ОН и досега има доставено еден иницијален и три дополнителни извештаи за имплементацијата на обврските на национално ниво во борбата против тероризмот. Продолжува дијалогот и соработката со Извршниот директорат на Контра-терористичкиот комитет на СБ на ОН по посетата на делегација на Комитетот на Република Македоноија во 2006 г., во насока на исполнување на препораките содржани во Извештајот од посетата и јакнење на капацитетот на РМ во борбата против тероризмот. За 2009 година се најавува нова посета на делегација на Извршниот директорат на Комитетот на Република Македонија за време на која заеднички ќе биде евалуиран постигнатиот напредок и утврдени натамошните насоки на делување. Република Македонија го поддржа усвојувањето, во септември 2006 г. на Глобалната стратегија на ОН за борба против тероризмот и се залага за имплементација на Планот за акција и мерките содржани во Стратегијата.
РМ се залага за што поскоро надминување на преостанатите разлики во однос на текстот и конечно усвојување на Сеопфатната конвенција на ОН против тероризмот, во рамките на Шестиот комитет на ГС на ОН.
Сродни активности во поглед на борбата против тероризмот, Република Македонија превзема и во рамките на Советот на Европа, при што се потпишани или ратификувани речиси сите релевантни конвенции и инструменти од оваа материја. Р.Македонија со свои експерти активно учествува на состаноците на Комитетот на СЕ за борба против тероризмот.
Во доменот на регионалната соработка, во октомври 2006г. Република Македонија го потпиша Пактот за борба против тероризмот и организираниот криминал заедно со другите шест земји од регионот (Србија, Хрватска, БиХ, Ц.Гора, Романија и Албанија).
Владата на Република Македонија е целосно посветена на борбата против финансирањето на тероризмот и презема различни активности во овој поглед. Одредбите на Кривичниот законик на Република Македонија се во согласност со меѓународните кривично-правни стандарди за борба против тероризмот. Донесен е нов Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот на линија на целосна хармонизација на домашното законодавство со меѓународната регулатива во оваа област. Усвоен е Законот за рестриктивни мерки кој стапи во сила на 1 јуни 2007 г.. Со цел да се унапреди соработката меѓу телата и органите во оваа област, Владата на Република Македонија основа Советодавно тело за борба против перење пари и финансирање на тероризмот.
Авганистан
Република Македонија силно ја поддржува Владата на Авганистан во борбата против тероризмот и општите напори за зајакнување на владеењето на правото. Македонија останува посветена во помагањето на авганистанскиот народ да постигне траен мир и стабилност во Авганистан. Тероризмот во сите свои облици и појави е една од најсериозните закани за меѓународниот мир и безбедност.
Република Македонија изразува поддршка за Мисијата за Помош во Авганистан на Обединетите Нации и ја поздравува работата на Специјалниот претставник на Генералниот Секретар на Обединетите Нации за Авганистан, Каи Аиде.
Ние ќе продолжиме да одржуваме воено присуство како дел од НАТО предводените ИСАФ сили во Авганистан. Во јануари 2009 година, Република Македонија го зголеми своето воено присуство во силите на ИСАФ за речиси 25 проценти и сега придонесува во Авганистан со речиси 2.5 проценти од своите вооружени сили или вкупно 168 војници, што ја рангира земјава меѓу најголемите шест земји-контрибутори во Авганистан. Дополнително ја поздравуваме посветеноста на земјите-учеснички во ИСАФ, кои се грижат ИСАФ да ги има силите, средствата и флексибилноста потребни за осигурување постојан успех на мисијата.
Република Македонија недвосмислено ги подржува постојаните напори на Авганистан за постигнување политички напредок, како и целосната вклученост на наордот во легитимен и инклузивен демократкси процес. Ние сметаме дека престојните претседателски и провинциски избори, закажани за август 2009 година, претставуваат добра прилика за зајакнување на легитимитетот и националното единство во земјата.
Ирак
Република Македонија ги поздравува резултатите од Годишната прегледна конференција за Меѓународниот договор со Ирак, што се одржа на 29 мај 2008 година во Стокхолм, и ирачкиот предлог во 6 точки за „Партнерство за развој“. Охрабрува што учесниците ја потврдија својата поддршка за Договорот, како и намерите да ги унапредат инвестирањето и трговијата. Исто така беа утврдени меѓусебно поврзаните прашања за национално помирување, човечки развој, човечки права, обнова и борба против корупцијата, како клучни области од заеднички интерес во наредниот период.
Најостро ги осудуваме самоубиствените бомбашки напади и изразуваме сочувство кон семејствата на жртвите. Ги повикуваме сите Ирачани да се здружат, да го отфрлат насилството, да се обединат за доброто на сите граѓани, да напредуваат во владеењето на правото и редот и да помогнат да се изнајде патот на помирување, мир и безбедност.
Република Македонија го поддржува Ирак во напорите за изградба на обединета, сојузна и демократска земја која ќе живее во мир во и надвор од своите граници и на пат кон одржлива економска самостојност и просперитет. Република Македонија од јуни 2003 година учествуваше како дел од сојузничките сили во мисијата „Слобода за ИРАК“. Вкупниот број на лица кои учествувале е 490. Мисијата “Слобода за ИРАК“ заврши на 31.12.2008 година, и силите на АРМ се вратија во Република Македонија.
Република Македонија го поздравува одржувањето на провинциските избори во Ирак на 31 јануари 2009 година, како и протекувањето на истите без насилство. Ова претставува мошне значаен чекор кон стабилизација и демократизација на земјата.
Иран
Република Македонија го поздравува едногласното усвојување на резолуциите 1696 (2006), 1737 (2006), 1747 (2007) и 1803 (2008) на Советот за безбедност на ООН, со кои се наметнуваат санкции против Иран поради несуспендирање на сите активности поврзани со збогатување и преработка на ураниум. Република Македонија длабоко е загрижена поради одбивањето на Иран да соработува со ИАЕА и жали што Иран не ги презеде мерките побарани од Советот за безбедност.
Република Македонија е загрижена поради фактот што Иран тестираше проектили со краток и среден дострел во јули 2008 година. Ваквите проби на проектили може само да ја зголемат загриженоста на меѓународната заедница во време кога Иран сè уште ги нема спроведено резолуциите 1696, 1737, 1747, 1803 и 1835 на Советот за безбедност и, особено, кога ги нема суспендирано своите чувствителни нуклеарни активности.
Република Македонија се надева дека Иран конечно ќе одговори на барањата на целата меѓународна заедница, изразени во резолуциите на Советот за безбедност, како и на отворениот повик за соработка упатен од страна на претседателот на САД Барак Обама.
Тајван
Република Македонија постојано ја реафирмира својата позиција дека има „една Кина“ и дека Владата на Народна Република Кина е единствената легитимна влада на кинескиот народ, додека Тајван е неделив дел од кинеската територија. Оттука, Република Македонија се надева и го поддржува успешното разрешување на ова внатрешно кинеско прашање, преку мирољубив политички дијалог, со цел да се остварат аспирациите на народот на Кина за конечно обединување.
Северна Кореја
Владата на Република Македонија ги поддржа резултатите од шестостраните разговори кои беа одржани во Пекинг од 10 до 12 јули 2008 година, со цел да се постигне целосно и неповратно прекинување на севкупната нуклеарна програма на Северна Кореја, во согласност со целите на Резолуцијата 1718 на Советот за Безбедност на Обединетите Нации. Владата на Република Македонија го поздравува постигнатиот напредок кон решавање на севернокорејското нуклеарно прашање, преку вложените дипломатски напори.
Република Македонија со голема загриженост го проследи лансирањето на „експерименталниот комуникациски сателит“ извршен на 5 април 2009 година од страна на Владата на Демократска Народна Република Кореја, а што е во спротивност со Резолуцијата 1718 на Советот за Безбедност на Обединетите Нации. Овој чин негативно се одразува на одржувањето на регионалната стабилност во време кога е потребна меѓусебна доверба меѓу страните.
Блискоисточната криза
Владата на Република Македонија со големо внимание го следи развојот на настаните на Блискиот Исток. Даваме целосна поддршка на работата на Квартетот за Блискиот Исток, кој има меѓународна одговорност за Патоказот, и ги поздравуваме напорите на Соединетите Американски Држави, ЕУ и останатите инволвирани меѓународни фактори, изразени на Самитот во Анаполис во ноември 2007 година и во неодамнешната посета на блискоисточниот регион на државниот секретар на САД, Хилари Клинтон и на специјалниот пратеник за Блискиот Исток на САД, Џорџ Мичел, за да се разгледа мировниот процес и за активно и агресивно да се бара траен мир меѓу Израел и Палестинците, како и меѓу Израел и неговите арапски соседи.
Република Македонија смета дека Патоказот е единственото средство за остварување на визијата за две демократски држави кои ќе живеат една покрај друга во мир и безбедност. Преговорите меѓу Израел и Палестина мора да продолжат бидејќи тоа е единствениот прифатлив начин за да им се обезбеди мир и безбедност на народите од Блискиот Исток. Ги сметаме за неприфатливи сите терористички и егзистенцијални закани упатени кон Израел и силно ги осудуваме сите форми на антисемитизам и негирање. Палестинците мора да ги надминат своите внатрешни поделби и треба да ги почитуваат меѓународните спогодби склучени во минатото во името на палестинскиот народ, затоа што Израел има право на мир и безбедност. Но Израел исто така мора да го почитува меѓународното право. Мирот е возможен единствено доколку сите ја прифатат својата целосна одговорност.
Република Македонија со голема загриженост ги следеше неодамнешните насилни случувања во Појасот Газа и го поздравува прекинот на огнот објавен од страна на Израел на 18 јануари 2009 година. Го поддржуваме процесот на внатрешно помирување меѓу палестинците, отпочнат на состанокот на сите палестински фракции одржан на 26 февруари 2009 година во Каиро, под медијаторство на АР Египет и Арапската лига. Ги поздравуваме напорите на меѓународната заедница за олеснување на хуманитарната криза и за реконструкција на Појасот Газа, особено изразени на донаторската конференција во Шарм Ал Шеик (Египет) на 2 март 2009 година.
Судан (кризата во Дарфур)
Напредокот во пошироките национални и регионални прашања е од огромна важност за напорите за постигнување мир во Дарфур. Зајакнатите напори на меѓународната заедница претставуваат клучен фактор кон решавање на петгодишниот конфликт во кој загинаа околу 300 000 луѓе, а уште 2,7 милиони беа раселени.
Република Македонија го поздравува Договорот на добра волја и градење на доверба меѓу Владата на Судан и Движењето за правда и еднаквост потпишан во Доха на 17 февруари 2009 година.
Република Македонија ја поддржува одлуката на Меѓународниот кривичен суд за издавање на налог за апсење на претседателот Омар Хасан Ал-Башир под обвинение за злосторства против човештвото и воени злосторства.
Република Македонија го осудува протерувањето на тринаесетте меѓународни хуманитарни невладини организации од Судан и повлекувањето на дозволите на три локални невладини организации со што директно се загрозува континуитетот на меѓународната хуманитарна помош во Дарфур. Владата на Република Македонија ја повикува Владата на Судан повторно да размисли за донесената одлука и да го овозможи доставувањето на хуманитарна помош на загрозените судански граѓани.
Грузија
Владата на Република Македонија со особено внимание и загриженост го следи развојот на настаните во Грузија, особено по признавањето на независноста на Јужна Осетија и Абхазија од страна на Руската Федерација.
Поздравувајќи го Договорот од шест точки за прекин на огнот, постигнат со посредништво на Франција, во својство на земја-претседавач со ЕУ, го поддржуваме целосното спроведување на Договорот, со што ќе се обезбеди побрза нормализација на ситуацијата во Грузија.
Сметаме дека мировниот процес треба да продолжи сè додека не се постигне трајно решение засновано на целосно почитување на принципите на независност, сувереност и територијален интегритет на државите, во согласност со меѓународното право.
Република Македонија ќе продолжи со своите залагања за почитување на меѓународното хуманитарно право, со што ќе се овозможи побрзо доставување на меѓународната помош во најкритичните области и места, за населението погодено од воениот конфликт да ја добие неопходната помош.
Исто така, ги поздравуваме натамошните напори на ЕУ и ОБСЕ за што поскоро стабилизирање на состојбата во Грузија. |