Билатералните односи помеѓу Република Македонија и Арапската Република Египет на политички план се развиват успешно со меѓусебно почитување и конструктивен дијалог како и подготвеност за унапредување на севкупните односи и соработката. Република Македонија високо ги цени компаративните предности на АР Египет, влијателната улога што оваа држава ја има на меѓународната политичка сцена како држава со исклучителна улога во регионот на Блискиот Исток, Арапскиот свет и Африка.
За надворешната политика на Република Македонија од особено значење е понатамошното унапредување на меѓусебните односи поради што инсистира на континуиран политички дијалог. Согласно на ова се прават напори за средби на носителите на највисоките политички функции во двете држави како и нивно реализирање во текот на оваа 2010 година. Исто така неопходно е обезбедувањето континуитет во одржувањето на политички дијалог преку меѓусебни политички и конзуларни консултации, а со цел воспоставување на нови повисоки форми на соработка во сите сфери од заеднички интерес.
Република Македонија и Арапската Република Египет успешно соработуваат во рамките на меѓународните организации и институции. Двете држави редовно разменуваат ставови и мислења за актуелните состојби од меѓународните настани. Во таа насока МНР на Египет НЕ Ахмед Абул Геит (Ahmed Aboul Gheit) во февруари оваа година официјално ја посети нашата држава при што беше примен од домаќинот МНР Антонио Милошоски како и од носителите на највисоките политички функции во државата.
Притоа потпишан е Протокол за соработка и искажана е подготвеност за регулирање на договорната состојба помеѓу двете држави. |